Продолжуваат да паѓаат девизните резерви на земјава. Во споредба со една година претходно тие се пониски за над 280 милиони евра, говорат последните податоци на Народна банка на Македонија. Откако на крајот на минатата година, прв пат по подолг период се спуштија под две милијарди евра, и годинава продолжува надолниот тренд. Односно, во јануари девизните резерви се намалиле до ниво од 1,98 милијарди евра, што е пад од 284,3 милиони евра во однос на истиот месец минатата година. За еден месец, пак, односно само во јануари 2014, тие регистрирале минус од 14 милиони евра. Од НБМ за причините за намалените девизни резерви не' упатија на кварталниот извештај објавен претходниот месец, каде што стои дека „движењата на девизните резерви во јануари 2014 година, се во согласност со нашите проекции на платниот биланс за првиот квартал“.
Продолжуваат да паѓаат девизните резерви на земјава. Во споредба со една година претходно тие се пониски за над 280 милиони евра, говорат последните податоци на Народна банка на Македонија.
Откако на крајот на минатата година, прв пат по подолг период се спуштија под две милијарди евра, и годинава продолжува надолниот тренд. Односно, во јануари девизните резерви се намалиле до ниво од 1,98 милијарди евра, што е пад од 284,3 милиони евра во однос на истиот месец минатата година. За еден месец, пак, односно само во јануари 2014, тие регистрирале минус од 14 милиони евра.
Од НБМ за причините за намалените девизни резерви не' упатија на кварталниот извештај објавен претходниот месец, каде што стои дека „движењата на девизните резерви во јануари 2014 година, се во согласност со нашите проекции на платниот биланс за првиот квартал“. Во извештајот уште е наведено дека „на крајот на 2013 бруто девизните резерви изнесуваа 1.993 милиони евра, што во однос на крајот на 2012, кога изнесуваа 2.193,3 милиони евра, се намалени за околу 200 милиони евра. Намалувањето во најголем дел се должи на негативните ценовни промени и валутни разлики, на одливите врз основа на трансакциите за сметка на државата, како и на намалувањето на девизните депозити на банките кај НБМ. Најголем дел од намалувањето се должи на цената на златото. Како што во претходните години резервите растеа во еден дел како резултат на цената на златото, така во минатата година се намалија“, објаснуваат од НБМ во извештајот.
Од централната банка уште и велат дека поволните остварувања на македонската економија упатуваат на растечка проектирана патека на девизните резерви за 2014-2015 година, со задржување на адекватноста на резервите на соодветно и комфорно ниво за апсорбирање на потенцијални непредвидени шокови. „Иако во натамошниот период се очекува дека посилната побарувачка во економијата ќе создаде увозни притисоци, сепак, не се очекува дека тие ќе предизвикаат поголеми надворешни нерамнотежи. Се оценува и дека се' поголемото искористување на потенцијалот на новите капацитети со странски капитал во одреден степен ќе ги ублажи ефектите врз увозот, предизвикани од растот на извозот и се' повисоката инвестициска и лична потрошувачка. И во следниот двегодишен период се очекува дека изворите за покривање на потребите за надворешно финансирање ќе бидат задолжувањето и директните инвестиции, во обем доволен за дополнителен раст на резервите...“, се наведува во извештајот што ни го испрати НБМ како одговор.
Инаку, девизните резерви се држеа солидно во претходните неколку години. Па така, во текот на цела 2012 девизите не се спуштија под нивото од две милијарди евра, и таа година всушност заврши со слидно девизно „конто“, тешко 2,19 милијарди евра.
Инаку, Македонија најголем дел од своите девизни резерви ги чува во квалитетни странски хартии од вредност и тие на крајот на 2013 година биле на ниво од 1,63 милијарди евра, и кај нив има пораст за 58,3 милиони евра во однос на една година претходно. Во валути и депозити се чуваат околу 142 милиона евра, што значи во овој дел имало намалување за близу 276 милиони евра. А во монетарно злато Македонија на крајот на јануари годинава држела девизни резерви во вредност од 200 милиони евра, а за една година намалувањето е за 70 милиони евра.
Гувернерот Димитар Богов неодамна изјави дека очекува да продолжат поволните движења на девизниот пазар. „Тоа ќе ни овозможи одржување на стабилниот курс на денарот во однос на еврото, без потреба од позначајни интервенции“, вели Богов.